Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ освои уште една Грен слем титула откако ноќеска триумфираше на УС Опен, една година откако не му беше дозволена да настапи, затоа што не беше вакциниран.
Новак синоќа на теренот „Артур Еш“ го надигра победникот од пред две сезони, Данил Медведев со 3:0 во сетови (6:3,7:6, 6:3) и дојде до 24. Грен слем титула во кариерата. Со освојувањето на овој голем турнир Новак Ѓоковиќ се израмни со Маргарет Корт и двајцата го делат првото место на вечната листа по бројот на освоени Грен слем турнири.
Ѓоковиќ доминираше во поголемиот дел од мечот, но наиде на физички проблеми во вториот сет. Сепак, го доби тај-брејкот и си ја отвори вратата кон победата. Во третиот сет Ѓоковиќ направи брејк на сервисот на Медведев при 3:2 и дојде до победа од 3:0.
Новиот светски рекет број еден освои три Грен слем турнири оваа година и се враќа од американскиот континент побогат за три милиони долари кои ги доби како награда за победата во Њујорк. Сега Ѓоковиќ има две титули повеќе од Надал и четири од Федерер на вечната ранг листа на освојувачи на рен слем титули.