Новак Ѓоковиќ се пласираше во полуфиналето на Отвореното првенство на САД во Њујорк, откако го победи Американецот Тејлор Фриц, во четири сета, со 6:3, 7:5, 3:6, 6:4.
Седмиот тенисер во светот победи по три часа и 24 минути и се пласираше во полуфиналето на еден Гренд слем турнир по 53-ти пат во својата кариера. Ѓоковиќ го доби својот 11-ти меч против Фриц и се пласираше во полуфиналето на Отвореното првенство на САД по 14-ти пат, израмнувајќи го рекордот на Американецот Џим Конорс.
Ѓоковиќ во полуфиналето ќе игра против Шпанецот Карлос Алкараз, против кого има добиено пет од осумте натпревари. Српскиот тенисер оваа сезона стигна до полуфиналето на сите четири Гренд слем турнири, што е седми пат во неговата кариера.

