Новак Ѓоковиќ потврди дека нема да игра во Мајами. Српскиот тенисер објасни дека го прескокнува вториот Мастерс во сезоната бидејќи се обидува да направи рамнотежа на приватниот и професионалниот живот.
„За жал, оваа година нема да играм во Мајами. Во оваа фаза од мојата кариера, го балансирам мојот личен живот со мојот професионален распоред. Жал ми е што нема да играм пред некои од најдобрите и најстрасните фанови во светот. Со нетрпение ги очекувам идните натпревари во Мајами“, напиша првиот светски рекет.
Србинот претходно стигна до третото коло во Индијан Велс, каде шокантно беше елиминиран од среќниот губитник Лука Нарди.
Најдобриот светски тенисер реши да паузира пред почетокот на сезоната на земјени терени. Подготовките за земјина површина ќе се прават во Монако.
Иако на неговиот сајт нема најава за следниот турнир, се претпоставува дека тоа ќе биде Монте Карло, кој започнува на 7 април.
Потсетуваме дека примарните цели на Ѓоковиќ за оваа сезона се поврзани со земјена подлога – затоа што на неа ќе се играат Олимписките игри.

