Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, сензационално е елиминиран од Мастерс турнирот во Индијан Велс, откако ноќеска беше поразен од 123-тиот тенисер на АТП листата, Лука Нарди од Италија.
Оваа сензацијата е уште поголема ако се знае фактот дека Нарди на главниот турнир влезе како „среќен губитник“, откако беше поразен во квалификациите од Гофин, но сепак се најде во главниот турнир.
Италијанецот победи со 2:1 во сетови, 6-3, 3-6 и 6-4, откако едноставно беше подобар на теренот и сосема заслужено го елиминира индиспонираниот Ѓоковиќ. Интересен е податокот дека Нарди е најслабо рангираниот тенисер кој го победил Новак Ѓоковиќ на мастерс или грен-слем турнир, а сега настапот на турнирот кој го освои дури петпати го завршува уште во 1/16-финалето.