Претседателот на Фудбалската Федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, како дел од Комисијата на ФИФА за утврдување на условите кои го нудат државите кои се кандидираат за домаќини на Светскиот Куп во 2026 година, во наредните денови ќе биде во работна посета на Северна Америка и Мароко.
„Фудбалот е игра за сите, било каде во светот а примарна цел на ФИФА е да го промовира неговиот развој. Фудбалот е заеднички јазик во земјите кои во наредните десетина дена ќе ги посетиме и преку дијалог ќе се соочуваме со предизвиците. Страста за фудбалот не е нималку спорна ниту во Северна Америка, ниту во Мароко, темелите за добра соработка се поставени а желбата на домашните федерации со ФИФА е да продолжи размената на знаења, искуства и барање решенија за различни предизвици, изјави претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
Делегацијата прво ќе биде во Мексико Сити, Атланта, Торонто, Њујорк и Њу Џерси а потоа на 16. април ќе замине за Мароко и таму ќе ги посети градовите: Маракеш, Агадир, Тангиер и Казабланка. ФИФА одлуката околу домаќинот на СП во 2026 година ќе ја донесе на Конгресот на 13. јуни во Москва.