По победата над Струга ТЛ во минатото коло, Вардар засилено се подготвува за неделното градско дерби со Работнички. Дуелот на локалните ривали, конечно, се враќа на Националната Арена, каде и двата тима влегуваат со желба за три бода.
Во денешното гостување во програмата на Спортското радио 90.3 фм, капитенот на „црвено-црните“, Дарко Глишиќ зборуваше за очекувањата од неделното дерби.
„Во првата полусезона Работнички беше многу подобар, сега и кај нив се сменија некои работи. Ние одиме се подобро и подобро и се надевам дека така ќе продолжиме и на ова дерби во недела. Фокусот во недела е на трите бода. Респект, секако има надвор од теренот, но внатре на теренот фокусот е да се освојат бодовите“, вели Глишиќ.
Младиот голгетер на Вардар, Азер Омерагиќ, вели дека е убеден во квалитетите на тимот и дека до крајот на сезоната „црвено-црните“ ќе го обезбедат местото во Првата лига и за следната сезона.
„Враќањето на Арената ќе биде секако предност. Ние ќе дадеме се од себе. Нашата предност сигурно ќе биде тоа што Западот ќе биде исполнет со наши навивачи и тие ќе бидат нашиот 12-ти играч. Нас не краси добрата игра и компактноста во одбраната, но против Работнички се надевам дека и нападот ќе процвета“, вели младиот голгетер.
Дуелот меѓу Работнички и Вардар во рамките на 27. коло од домашниот шампионат се игра в недела од 15 часот на Националната Арена.
Комплетниот разговор може да го проследите на следниот ЛИНК