Тимот на Баерн Минхен ќе игра без Серж Гнабри во мечот од германскиот Суперкуп против Борусија Дортмунд в сабота, но затоа Кингсли Коман се очекува да биде во составот на Баварците.
„Коман работи добро. Тој тренира и ќе биде со нас утре. Гнабри е подобро сега, но тој нема да патува. Ќе се обидеме да го подготвиме за следниот викенд”, изјави тренерот на германскиот шампион Нико Ковач.
Новото засилување на Баварците, Лука Ернандез, исто така, нема да игра утре поради проблем со коленото. Заминувањето на ветераните Франк Рибери и Ариен Робен го ослабна Баерн на крилните позиции, а ангажманот на Лерој Сане од Манчестер Сити е сè уште неизвесно.
„Задоволни сме од ситуацијата досега. Постигнавме добри резултати против силните тимови. Исто така задоволни сме од сработеното. Борусија Дортмунд се подобри во однос на минатата година. Мечот ќе биде доста тежок. Тие ќе бидат нашиот најсериозен конкурент и оваа сезона”, додаде Ковач.