Американската компанија Амазон е меѓу првите кои покажаа многу сериозен интерес за претставениот проект за нов стадион на Манчестер Јунајтед. Американците веќе размислуваат да дадат понуда вредна 750 милиони фунти за десетгодишен договор со кој името на компанијата ќе стане дел од идното име на стадионот.
Амазон сè уште ја проучува состојбата на пазарот и преку трети страни сака да ја дознае подготвеноста на раководството на „црвените ѓаволи“ и нивните ставови за таквиот предлог и финансиските барања.
Минатата недела новите косопственици на Манчестер Јунајтед, британскиот хемиски гигант Инеос, пред медиумите и навивачите го претставија проектот за новиот стадион на клубот вреден над 2 милијарди фунти и со капацитет од 100.000.
Амбициите на Сер Џим Ретклиф и компанијата се изградбата да започне до крајот на оваа година и да биде завршена до 2030 година. Уште кога беше претставен проектот минатата недела, стана јасно дека газдите на клубот ќе бараат многу сериозни спонзорски договори за да финансираат голем дел од градежниот проект.

