Нашата ракометна репрезентација под диригентската палка на Раул Гонзалез, успеа да забележи две победи во групната фаза на Светското првенство во Германија и Данска. Во арената во Минхен, прво ја совладавме Јапонија а денеска и репрезентацијата на Бахреин.
„Задоволен сум, имаме две победи на стартот. Не беше лесно против Бахреин, тие имаат добра одбрана која ни создаваше проблеми. Мора да бидеме задоволни од досегашното, иако знаеме дека вистинските предизвици допрва доаѓаат“ – вели шпанскиот тренер на нашата клупа.
„Сите знаеме која е Хрватска, тие се селекција која има од најдобрите ракометари во светот и има амбиција да се бори за медела. За да успееме против нив, треба да одиграме добра одбрана како денеска против Бахреин и добар напад како против Јапонија“ – потенцираше Раул на официјалната прес-конференција.