Англиските фудбалски репрезентативци пред стартот на Светското првенство во Русија, континуирано тренираат изведување на пенали. Тие сакаат да ја избегнат евентуалната традиционална елиминација токму преку пеналите од големите собири.
Англија на светските и европските првенства дури шест пати во вкупно седум средби беше елиминирана по изведувањето на ударите од белата точка. Единствениот успех е против Шпанија во четврт-финалето на Евро 1996 година.
„Сега во тимот имаме повеќе добри изведувачи на пенали. Во последниве денови напорно го тренираме тој елемент од играта” – изјави пред британските медиуми голманот, Џордан Пикфорд. Членот на Евертон е еден од тројцата повикани голмани во селекцијата на Герет Саутгејт кои ќе се борат за стартниот состав.