Менаџерот Пеп Гвардиола има уникатна шанса да го предводи својот Манчестер Сити до тројната круна по уште една многу силна сезона за „граѓаните“. Освојувањето на титулата во Премиер лигата изгледа 99% сигурно, а тимот е дел од финалето на Лигата на шампионите и ФА Купот.
Во интервју за „Скај Спортс“, Шпанецот беше запрашан дали со подигање на сите три трофеи сега ќе го напушти клубот откако веќе има постигнато толку многу.
„Прво треба да ги освоиме овие пехари и дури потоа да ме прашате како се чувствувам и што мислам за оваа работа“, одговори Пеп.
Тој побрза да појасни дека успехот во двете финалиња е далеку од сигурен. Противник на Манчестер Сити во ФА Купот на 3 јуни ќе биде Манчестер Јунајтед, а една недела подоцна пресметката со Интер ќе се одигра во Истанбул.
„Дали сакате да кажете дека ќе ни биде лесно против локалниот ривал Манчестер Јунајтед? А што ќе се случи против италијански противник кој не важи за фаворит? Размислувам за овие работи. Ако успееме, ќе ви кажам подоцна што мислам“ рече Гвардиола.
Манчестер Сити ќе биде шампион на Англија уште утре ако го победи Челзи доколку денеска Арсенал загуби од Нотингем Форест.