Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола смета дека погодокот на Фернандо Љоренте во 1/4-финалето од Лигата на Шампионите против Тотенхем беше нерегуларен.
„Граѓаните” победија на „Етихад” со 4:3, но поради вкупен резултат 4:4 и гол постигнат на гости Тотенхем се пласираше во полуфинале, а се покажа дека голот на Љоренте во 73-та минута е решавачки за елиминацијата на Манчестер Сити.
Погодокот беше признат од судијата Чакир дури по прегледувањето на снимката и ВАР асистенцијата, бидејќи топката ја допре раката на Љоренте, но тој сметаше дека тоа немало влијание за постигнатиот гол. На крајот од натпреварот погодокот на Стирлинг за Манчестер Сити беше поништен поради офсајд на Агуеро.
„Офсајд е офсајд. Фудбалот е суров, бевме толку блиску до полуфиналето. Од моја гледна точка голот на Љоренте не требаше да биде признат, бидејќи тоа беше игра со рака. Го прифаќаме резултатот и продолжуваме понатаму. Го поздравувам Тотенхем и им посакувам успех во полуфиналето. Ја подржувам ВАР технологијата, но има некои моменти за дискусија. Пропуштивме пенал во првиот натпревар, но јас се гордеам со навивачите и фудбалерите. Таква поддршка не сме имале никогаш досега”, коментираше Гвардиола.