Манчестер Сити направи важен чекор кон титулата во Англија, а менаџерот на „граѓаните” Пеп Гвардиола влезе во историјата на Премиер лигата како првиот кој го предводел својот тим до три последователни победи против Манчестер Јунајтед како гостин во првенството.
Сити го надигра Јунајтед со 2:0 на „Олд Трафорд“ синоќа и веќе е лидер на табелата со бод повеќе од вторпласираниот Ливерпул. Пред тоа „граѓаните” победија како гости против градскиот ривал два пати со по 2:1 во сезоната 2016/17 и 2017/18.
„Според мое мислење и ние, и Ливерпул ја заслужуваме титулата. Тимот кој ќе биде втор на табелата, не треба да се разочарува, бидејќи направил сé што можел. Имаме 89 поени, а Ливерпул 88. Уште ништо не е јасно, бидејќи има три натпревари до крајот. Неверојатна ситуација. Треба да победиме на преостанатите натпревари, а почнуваме со гостување кај Барнли”, коментираше Гвардиола по натпреварот.