Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола имаше причина за радост по успехот од 4:1 над Арсенал.
Повеќето аналитичари сметаат дека овој меч е решавачки во битката за титулата и со победата „Граѓаните“ прилично си гарантираа дека ќе се радуваат на крајот од сезоната. Сепак, Шпанецот останува претпазлив бидејќи неговиот тим се уште заостанува два бода зад „топчиите“ на табелата.
Според него, следните три натпревари ќе покажат дали неговиот тим навистина може да ја постигне целта и повторно да биде шампион.
„Знам дека следните три натпревари ќе бидат клучни. Со Фулам во сабота нема да биде лесно. Погледнете што направи Марко Силва оваа сезона, едноставно е неверојатно. Тие дојдоа од Чемпионшип, но играат брилијантно, особено на нивниот стадион. Потоа ни претстојат уште два тешки натпревари со Вест Хем и Лидс. Мислам дека овие три натпревари ќе покажат дали сме способни да го направиме она што го сакаме. Добро е што имаме два натпревари за играње, но нема да бидеме наивни и да веруваме дека сме ја завршиле работата. Арсенал има два бода повеќе, така што уште не сме шампиони. Ни претстојат многу тешки натпревари како гостувањето кај Брајтон на крајот. Да размислуваме натпревар по натпревар“, изјави Гвардиола