Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола беше задоволен од победата со 2:1 над Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“ во првото 1/8 финале во Лигата на шампионите.
Сепак, тој е свесен дека ова е само првиот од двата дуела и не смее да го отпишат Реал Мадрид, бидејќи е целосно способен да го сврти резултатот на „Етихад“.
„Ако има тим способен да направи враќање по ваков пораз, тоа е Реал Мадрид. Ние примивме гол, потоа ја подобривме нашата игра и успеавме да изедначиме, но и да победиме. Лигата на шампионите е турнир на кој се неизбежни подеми и падови. Задоволни сме од победата на Бернабеу, но сè уште не сме освоиле ништо. Завршивме само половина од работата“, истакна Гвардиола.
„Создававме шанси во текот на целиот натпревар. Куртоа имаше многу силен натпревар. Но, моето искуство во Лигата на шампионите покажува дека не можете да контролирате ниту еден натпревар цели 90 минути. Имаше една важна одбрана по ударот на Бензема, а ние создадовме и прилично добри позиции што повеќето екипи не успеваат на овој стадион. Победата на „Бернабеу“ ни носи голема радост. Ние само покажавме дека можеме да победиме на кој било стадион“, додаде Гвардиола.