Напаѓачот на англиската репрезентација, Хари Кејн изјави дека е горд на своите соиграчи по пласманот во полуфиналето на Европското првенство.
Англија успеа да ја совлада Швајцарија по подобро изведување на пенали со 5:3. Претходно по 120 минути резултатот беше 1:1. Швајцарија поведе со голот на Емболо во 75. минута, а пет минути подоцна Букајо Сака го израмни резултатот.
„Ние сме во полуфинале, така што ни оди прилично добро. Мислам дека го одигравме најдобриот натпревар на овој турнир. Игравме против навистина добар тим. Швајцарија ни правеше проблеми во некои периоди од играта, но ние сме сепак во полуфиналето.
На момците треба да им се оддаде голема заслуга што се вратија од негатива од 1:0. Покажавме голема цврстина во текот на целиот турнир. Кога ќе ги погледнете победниците на големите турнири, тие го покажаа тој квалитет. Пред сè покажаа цврстина. Ние ја поседуваме токму таа карактеристика“ изјави Хари Кејн.
Полуфиналето меѓу Шпанија и Франција ќе се одигра утре (вторник) од 21:00 часот, а во среда во истиот термин ќе играат Англија и Холандија.

