Напаѓачот Хари Кејн е под знак прашање за патувањето на Тотенхем кај Престон во четвртото коло од ФА Купот. Англискиот репрезентативец има вирусна болест и не е познато дали ќе му биде на располагање на менаџерот Антонио Конте.
29-годишниот Кејн го израмни рекордот од 266 гола за Тотенхем. Напаѓачот постигна гол во победата од 1:0 на гости кај Фулам во понеделникот во Премиер лигата.
„Имаме проблем со Хари. Тој е болен и не тренираше многу оваа недела. Тој учествуваше на нашата сесија денес, но не можеме да донесуваме избрзани одлуки, мора внимателно да размислиме за ситуацијата околу него. Знаеме дека Хари навистина сака да игра на секој натпревар. Среќни сме поради тоа, но мораме да бидеме и многу внимателни“, коментира за медиумите Кристијан Стелини, помошник тренер на Тотенхем.
Новото засилување Арноут Данџума, би можело да дебитира против Престон во сабота. Напаѓачот му се приклучи на клубот од северен Лондон на позајмица од шпанскиот Виљареал.