Поранешниот капитен на Ливерпул, Џордан Хендерсон се прости од клубот во кој ги помина последните 12 години од кариерата за да се приклучи на Ал-Етифак каде тренер е Стивен Џерард. Со овој потег, играчот од средниот ред станува најплатениот англиски фудбалер во историјата на фудбалот.
Според „Дејли Мејл“ и „Сан“, платата што Хендерсон која ја договорил е 700.000 фунти неделно или 36 милиони фунти годишно. Тоа е речиси четири пати повеќе отколку што добивал на „Енфилд“ досега. Доколку го исполни договорот, кој ќе биде за три сезони, 33-годишниот играч ќе добие над 100 милиони фунти плата. Наградата на Хендерсон е речиси двојно поголема од онаа на Маркус Рашфорд, кој беше најплатениот англиски фудбалер до сега.
Откако пред десет дена потпиша нов договор, ѕвездата на Манчестер Јунајтед заработува 375.000 фунти неделно. Неговиот тимски колега Џејден Санчо добива по 350.000 фунти. И уште една интересна споредба – Хендерсон ќе биде платен три пати повеќе од капитенот на Англија, Хари Кејн, кој моментално игра за Тотенхем со 200.000 фунти неделно и новата ѕвезда на Реал Мадрид, Џад Белингем, чија плата е 220.000 фунти.