Ерменскиот играч за врска Хенрих Мхитарјан се согласи да се пресели во Интер и следната недела ќе ги помине медицинските прегледи пред да се пресели во миланскиот клуб, објави „Газета дело Спорт“.
33-годишниот играч како слободен агент ќе потпише двегодишен договор со Интер каде ќе заработува 4,5 милиони евра по сезона, објави истиот извор.
Претходно беше објавено дека Мхитарјан, кој настапува за Рома од 2019 година, ја одбил понудата на Римјаните за нов договор поради неучеството на тимот во Лигата на шампионите во следната сезоната. Рома му понуди договор 1+1 со плата од 3 милиони евра годишно.
На 44 натпревари во сите натпреварувања минатата сезона, Мхитарјан постигна пет гола и девет асистенции. На 25 мај, играчот од средниот ред ја освои Конференциската лига со Рома.