Македонската фудбалска репрезентација која синоќа го оствари историскиот сон, пласман на ЕП, се врати во Скопје. По долгиот пат од Тбилиси, авионот поради густата магла во Скопје мораше да слета во Приштина, па од таму до Скопје со автобус на патот до нашата држава.
На граничниот премин Блаце имаше дочек од владината експедиција на чело со премиерот, а нашиот селектор Игор Ангеловски пред новинарите потенцираше дека е благодарен за пречекот и најголема сатисфакција му е што овој успех успеал да го обедини македонскиот народ.
„Ви благодарам што не пречекавте на наша територија. Среќни сме што успеавме да го обединиме народот. Така ние живеевме во репрезентацијa пет години, ние сме едно големо семејство и така дојдовме до ЕП. Среќен сум што работам со вакви фудбалери, се надевам на уште поголеми спортски успеси“, изјави Ангеловски.
Капитенот Горан Пандев, инаку стрелец на победничкиот гол на влезот во Македонија потенцираше:
„Сонот ни се оствари, сите заедно се радуваме и да настапуваме на ова ЕП со победи. Знаеме сите дека поминавме долг пат до ова ЕП, навистина дечките го заслужија ова и уште не сме свесни што направивме. Среќни сме, во следните денови ќе се свестиме дека сме на ЕП. Уште ние фудбалерите фалевме да се пласираме на едно ЕП. Не верував дека на 38 години ќе се пласирам на едно ЕП“, изјави Пандев.

