Екипата на Тиквеш на крајот од првиот дел на сезоната финишираше со задоволителни резултати, особено по промената на тренерското место на кое по заминувањето на Ѓорѓи Мојсов пристигна Борче Христов. Осмото место ветува добра стартна позиција за напролет, барем што се однесува до битката за опстанокот.
„Реално кога пристигнав во Кавадарци, екипата беше во резултатска и играчка криза. Овој тим има голем потенцијал, квалитет. Единствено на што мораше, и требаше да се поработи на психолошки момент. Да се врати тимот мотивациски. Се останато беше на сосема завидно ниво. Физички, тактички, екипата беше и повеќе од задоволително подготвена. Што се однесува до остатокот од сезоната, очекувам уште повисоко ниво на игри и резултати. Со самиот факт што нема премногу да менуваме во тимот, значи дека со селекцијата сум задоволен. Следува период на подготовки и на дополнителна санација на аномалиите и недостатоците. Тиквеш ќе биде сосема во ред“, вели Борче Христов, стратегот на кавадарчани.

