Напаѓачот на Милан, Златан Ибрахимовиќ и напаѓачот на Интер, Ромелу Лукаку се казнети за меѓусебниот инцидент кој го имаа во четврт-финалето на Купот на Италија, објави „Фудбал Италија“.
Според изворот, Ибрахимовиќ ќе треба да плати 4.000 евра, додека Лукаку ќе плати 3.000 евра парична казна. Милан и Интер исто така беа казнети со 2.000 и 1.200 евра, за неможноста да ги контролираат сопствените играчи. Забележано е дека и двајцата играчи ќе донираат пари во добротворни цели.
Да потсетиме, на крајот на првото полувреме од тој натпревар, дефанзивецот на Милан, Алесио Ромањоли го фаулираше Лукаку, што предизвика незадоволство на Белгиецот. Ибрахимовиќ се вклучи во целата ситуација со недолични зборови кон Лукаку, на што одговори белгиецот. Судијата им даде жолт картон на двајцата играчи. Како резултат на истрагата, и двајцата беа обвинети за неспортско однесување, а играчите добија еден натпревар дисквалификација.

