Ѕвездата на Милан, Златан Ибрахимовиќ е под знак прашање за настап на саботното градско дерби со Интер, објавија италијанските медиуми.
Како што е познато, за време на пресметката со Јувентус (0:0), 40-годишниот напаѓач се здоби со воспаление на ахиловата тетива на десната нога и беше принудно заменет. Подоцнежните лекарски прегледи покажаа дека не се работи за повреда, но ветеранот се уште чувствува болка на истото место и затоа моментално тренира индивидуално.
Според „Газета Дело Спорт“, засега веројатноста Ибрахимовиќ да стартува во дербито е 50:50, а тоа ќе се случи само доколку дотогаш целосно се надмине проблемот. Така тимот во последен момент ќе одлучи за неговото учество на натпреварот. Во меѓувреме, Томори исто така продолжува да тренира со посебен режим. Целта на дефанзивецот е навреме да се опорави од операцијата на коленото за мечот со Интер, но според медиумите поверојатно е дека нема да биде подготвен за овој меч. Што се однесува до Френк Кеси, тој треба да се појави во клупската база и да ги продолжи тренинзите по враќањето од Купот на Африканските нации.