Селекторот на нашата фудбалска репрезентација У-21, Добринко Илиевски, пред утрешниот меч со Ерменија, вели, дека последниот несреќен пораз од Србија во квалификациите за ЕП нема да влијае врз неговите избраници.
„На теренот на Србија бевме на чекор да ја прекинеме лошата серија бидејќи до 80-та минута го имавме посакуваниот резултат и игра, но, примивме лесен, несреќен гол по кој немаше време да се избегне поразот. Во секој случај, мораме да бидеме задоволни од играта на младите фудбалери бидејќи поголемиот дел од нив се речиси две години помлади од противничките. Нашата главна цел е да се подготвиме за наредниот циклус“ – вели Илиевски.
„Селекцијата на Ерменија претрпе неколку промени во однос на првиот меч кога успеавме да победиме. Ерменците форсираат динамична борбена игра и покажаа дека можат да му парираат на секој противник. Ќе биде тежок меч, но, верувам дека ќе дојдеме до посакуваниот успех“ – нагласи селекторот Илиевски на денешниот брифинг со новинарите.