Песната „Кога падна на Пирина“ од „Некст тајм“ беше инспирација на Илина Соколовска за настап на Интернационалниот натпревар по ритмичка гимнастика во Германија и освоениот сребрен медал. Со овој натпревар, кој се одржа во Леверкузен, македонското девојче Илина, кое неколку години реди успеси за Германија, ја заврши сезоната на спортување и има пауза до фебруари, кога ќе стартува новата сезона.

„Среќна сум многу, особено што настапуваа гимнастичарки од над 20 земји од целиот свет. Им се радувам на сите медали што ги освоив за Германија, но ми е жал што не се тоа успеси за Македонија. А оваа песна ја одбрав бидејќи иако живееме во Германија, ние дома постојано слушаме македонска музика, а и ги сакам „Некст тајм“ – рече Илина.

Илина и нејзината помала сестра Ева се дел и од Бундес лига и во претходните два напревари екипно ги освоија вторите места за Бундес лига и на републичкиот напревар. Нејзината помала сестра, Ева, пред една недела имаше републички напревар и го освои второто место.
