Во првите неколку часа од првиот ден од месец јули, Интер официјално го објави привлекувањето на Диего Годин.
Уругвајскиот дефанзивец доаѓа со слободен трансфер од Атлетико Мадрид. Поранешниот капитен на Атлетико Мадрид потпиша договор до 2022 година.
Централниот дефанзивец ќе добива 4,5 милиони евра по сезона, а со бонусите предвидени во неговиот договор, сумата би можела да достигне 6 милиони евра. Диего Годин во Интер повторно ќе се сретне со својот поранешен соиграч во Атлетико, Жоао Миранда. Одбраната на Интер изгледа импресивно со Годин, Милан Шкрињар и Стефан де Фрај.
33-годишниот Годин е поранешен фудбалер на Церо, Национал (Монтевидео) и Виљареал. Во 2010 година ја напуштил „жолтата подморница” и се приклучил на Атлетико, станувајќи шампион во Шпанија, освојувајќи го Кралскиот куп и двапати Лигата на Европа.