Од Интер не планираат никаква разделба со Лаутаро Мартинез, иако името на напаѓачот е упорно поврзувано со трансфер во Барселона.
Потпретседателот на „нероазурите”, Хавиер Занети изјави дека каталонците досега не испратиле понуда за Аргентинецот, иако шпекулациите велат дека има на масата доста солиден предлог од страна на шампионот на Шпанија.
„Ние не добивме никакви понуди за Лаутаро, се надевам дека тој ќе продолжи да настапува во истиот дух. Сакаме да остане кај нас и не планираме да се разделуваме со него. За нас тој е од исклучително голема важност. Сите сме многу задоволни од неговото претставување во својата прва сезона во клубот. Не е лесно за еден толку млад играч како него, но на крајот тој покажа карактер”, рече Занети.