Од денес, Реал Мадрид официјално не е веќе во карантин. Вчера истече 15-дневен период на целосна изолација на сите во клубот откако позитивен на тестот за коронавирус беше кошаркарот, Треј Томкинс.
Фудбалскиот клуб, кошаркарскиот и други спортски тимови сите ја делат истата тренинг база па затоа беше воведена оваа мерка. Во карантин беа 750 луѓе. Добрата вест е дека ниту еден од фудбалерите не е позитивен на коронавирус.
Крајот на карантинот, сепак, не значи олабавување на мерките, па дури и спротивното. Шпанија моментно се наоѓа во најтешкиот период на кризата досега, со рекордни 769 мртви минатиот ден. Вкупно 4.858 се починати,а во земјата има досега 64.059 заразени, тврди весникот „АС“.
Сите фудбалери на Реал Мадрид се изолирани дома и ги следат инструкциите на тренерите за физички тренинзи. Дадена им е наредба веднаш штом ќе почувствуваат нешто сомнително да се јават на медицинскиот тим.
Во меѓувреме, стадионот „Сантијаго Бернабеу“ е ставен на располагање на здравствените власти за да го користат како центар за санитарни материјали.

