Селекторот на светскиот шампион Германија Јоаким Лев потврди дека неговиот фудбалер Себастијан Руди нема да може да игра во решавачкиот натпревар против Јужна Кореја кој се игра денес од 16:00 часот во Казан.
Натпреварот е од третото последно коло во групата „Ф“ на светското првенство во фудбал во Русија, а пред него Бундестимот има освоено 3 поени, колку и Шведска. Лидер во групата е Мексико со 6 поени, а Корејците се на дното без освоени бодови.
„Руди не може да игра, дури и со маска. Тоа нема никаква смисла, тој едвај дише во последните два или три дена. Секој друг е подготвен да игра”, рече Лев.
Засега не е јасно кој ќе го замени фудбалерот на Баерн, како опција е Месут Озил, кој беше резерва на мечот со Шведска (2:1). Сигурно е дека централниот дефанзивец Жером Боатенг ќе го пропушти натпреварот со Корејците поради казна, но неговиот колега во одбрана Матс Хумелс е опоравен од повредата и ќе биде во составот.