Играчот на Олимпик Марсеј, Аркадиуш Милик, кој настапува за „Старата Дама“ на позајмица најверојатно ќе остане во Јувентус од Торино кој планира да го откупи неговиот договор. Ова го пренесува инсајдерот Николо Шира на својот „Твитер“ профил.
Според новинарот, Јувентус планира да ја активира откупната опција наведена во договорот за позајмица, според која Марсеј ќе добие 7 милиони евра, како и 2 милиони евра бонуси. Полскиот напаѓач ќе добие договор до 2026 година со плата од 3 милиони евра по сезона. Претходно и самиот Милик изрази желба кариерата да ја продолжи во Јувентус.
28-годишниот фудбалер оваа сезона има 18 настапи за клубот од Торино и постигна седум гола. Вредноста на Аркадиуш Милик е 10 милиони евра според Трансфермаркт.