Шефот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина изјави дека Јувентус нема да може да учествува во Серија А доколку официјално не ја напушти Европската Супер лига.
„Правилата се јасни. Доколку Јувентус се уште е во Европската Супер лига на почетокот од следната сезона, клубот нема да може да учествува во Серија А. Жалам за навивачите, но правилата се правила, и тие важат за сите. Се надевам дека овој отпор ќе заврши наскоро“, рече Гравина во изјава дадена за италијанските медиуми, а ја пренесе и „Скај Спорт“.
Проектот на Европската супер лига значеше создавање на една лига во која би играле 20 најдобри клубови во Европа. Учеството во Суперлигата беше потврдено од врвни клубови како Милан, Арсенал, Атлетико Мадрид, Челзи, Барселона, Интер, Јувентус Торино, Ливерпул, Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид и Тотенхем. Во моментов, сите овие клубови официјално објавија повлекување од Суперлигата, освен Барселона, Реал и Јувентус.

