Јувентус има интерес за голманот на Челзи, Кепа Аризабалага. „Старата дама“ планира да упати понуда за 27-годишниот голман во текот на летниот преоден рок, пишуваат медиумите во Италија.
Кепа целосно го загуби местото во стартниот состав кај лондончаните, бидејќи Томас Тухел повеќе смета на Едвард Менди. Шпанецот има договор со Челзи на уште 4 години, но би сакал да го напушти „Стемфорд Бриџ“ и да замине во тим каде што ќе игра редовно.
Јувентус е во потрага по нов голман кој ќе го замени Војчех Шчесни. Полјакот имаше неколку прилично несигурни натпревари на почетокот на сезоната и клубот сериозно размислува да го замени со Кепа. Лично, Масимилијано Алегри побара од раководството да направи се за да го земе Кепа во летото 2022 година. Шпанецот има 112 натпревари за Челзи, на кои примил 121 гол, но има 41 „сува“ мрежа.
Во моментов цената на голманот драстично е намалена и тој се проценува на околу 13-15 милиони евра, а сумата е целосно во рамките на моќта на клубот од Торино.