Јувентус од синоќа и официјално ја запечати својата 9-та последователна и 36-та вкупна титула во италијанскиот фудбалски шампионат. Овој пат „Старата дама“ не погреши како на дуелот со Удинезе (1:2) во минатото коло, и дојде до посакуваната победа од 2:0 над Сампдорија.
Со неа, великанот од Торино обезбеди предност од недостижни 7 бода пред второпласираниот Интер и на две кола пред крајот ја обезбеди новата титула. Иако не го одиграа својот најдобар натпревар, избраниците на Маурицио Сари ги однесоа бодовите со головите на Кристијано Роналдо во 45-тата минута и на Федерико Бернардески во 67-та минута. Сари се запиша во историјата на Серија А како најстар тренер што стана шампион на Италија со своите 61 година и 6 месеци.