Јувентус веќе подготви јасен план за засилување на неговиот напад. Ова лето „Бјанконерите“ ќе ги насочат своите напори за привлекување на напаѓачот на Наполи, Аркадиуш Милик, а следната година ќе се обидат да го доведат во Торино, Ерлинг Халанд од Борусија (Дортмунд), пишува „Тутоспорт“.
Јувентус е решен да го освежи нападот по крајот на сезоната. Гонзало Игуаин речиси сигурно ќе биде продаден, а на негово место ќе се бара помлад и поперспективен играч. Во последните месеци за многу имиња се шпекулира, но во моментот се чини дека газдите на клубот застанаа кај името на Аркадиуш Милик. 26-годишниот Полјак не може да постигне договор со Наполи за продолжување на соработката и се чини дека ќе биде продаден. За него се заинтересирани и Тотенхем, Челзи и Атлетико Мадрид.
Во исто време, Јувентус планира да се обиде да го донесе напаѓачот на Борусија (Дортмунд) Ерлинг Халанд во 2021 година. Идејата е на 19-годишниот Норвежанец да му се остави да добие поголемо искуство на „Сигнал Идуна Парк“, а за Јуве следната година да ја плати откупната клаузула, која изнесува 75 милиони евра. Сепак, привлекувањето на Халанд може да биде доста тешко, бидејќи го бараат еден куп други екипи, а прв во редот е Реал Мадрид.