Дефанзивецот на Манчестер Сити, Кајл Вокер веќе го известил менаџерот на тимот Пеп Гвардиола дека сака да се пресели во Баерн (Минхен), пишуваат медиумите во Англија и Германија.
33-годишниот англиски репрезентативец разговарал со шпанскиот стручњак, како и со некои од неговите соиграчи, соопштувајќи им ја својата одлука. Сега за да се оствари трансферот потребно е двата клуба да се договорат, што тешко дека ќе биде проблем. Претставниците на Манчестер Сити го известиле Баерн дека денеска повторно сакаат да разговараат со Кајл Вокер. Но, играчот веќе се одлучил бидејќи Баварците веќе му понудиле договор на 2+1 година, а неговиот договор со „граѓаните“ е до 2024.
Можно е Манчестер Сити да сака да купи време за да најде замена за Вокер. Договорот би можел да се случи во Јапонија, каде Манчестер Сити е на претсезонска турнеја и каде германскиот шампион ќе одигра и пријателски натпревари. Кајл Вокер минатата сезона забележа 39 настапи за Манчестер Сити. Се шпекулираше дека Баерн и „граѓаните“ би можеле да го разменат Англичанецот и Бенџамин Павард, кој сака да ги напушти Баварците.

