Најавеното засилување за Атлетико Мадрид во името на Единсон Кавани не се реализираше откако ПСЖ одби да се раздели со Уругваецот, но сепак од екипата на Атлетико Мадрид обезбедија нов играч во нападот.
Станува збор за фудбалер кој им е добро познат на навивачите на тимот – Јаник Фереира-Караско. Играчот на репрезентацијата на Белгија во Атлетико играше пред две години кога беше продаден на кинескиот Далијан. Крилниот играч веќе е во Мадрид, а сите детали за неговото враќање во тимот на Диего Симеоне се договорени.
Денес, Јаник Фереира Караско ќе помине лекарски прегледи и ќе стави потпис на договорот. Тој ќе биде на позајмица до крајот на сезоната, бидејќи клубот не успеа да се раздели со Тома Лемар. Ова најверојатно ќе се промени во текот на летото и Белгиецот ќе стане во сопственост на Атлетико.
Една од причините за враќањето на Јаник Фереира Караско е наметнатиот лимит за плата на странските играчи во Кина. Границата стапи во сила на 1 јануари 2020 година и е 3 милиони евра. Ова ги натера многу странски играчи да го напуштат шампионатот на Кина.