Напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема беше прогласен за најдобар играч во минатата сезона во Ла Лига според рангирањето на весникот „Марка“.
Французинот ја доби наградата која го носи името на легендата Алфредо ди Стефано и стави крај на доминацијата на Лионел Меси и Кристијано Роналдо. Последен кој ја освои наградата пред двете мегаsвезди на светскиот фудбал беше Раул во сезоната 2007/08.
„Се чувствувам горд и среќен. Тоа навистина ми значи. Ја прифаќам како награда за моите напори во Реал од 2009 година. Долго време сум во клубот и секогаш работам напорно за да бидам корисен”, изјави Бензема.
„Меси и Роналдо се фудбалери на друго ниво. Тие имаат освоено толку многу индивидуални награди. Чест ми е што сум прв пат добитник на оваа награда. Тренирам напорно затоа што сакам секој ден да докажувам дека можам да играм за најдобриот клуб во светот“, сподели напаѓачот.
„Наградата можеше да му припадне на некој друг. На пример, Серхио Рамос, кој имаше одлична сезона. Јас не ги гледам играчите на другите тимови, само моите соиграчи”, заврши Бензема.

