Данскиот интернационалец Каспер Кисум ги помина медицинските прегледи по пристигнувањето во Македонија и денес официјално беше претставен од својот нов клуб.
30-годишниот Кисум доаѓа во Еурофарм Пелистер од Сондерјиске и вечерва за првпат ќе тренира со своите нови соиграчи. Неговото деби се очекува в сабота на натпреварот против Бутел Скопје.
30-годишниот лев бек денес говореше пред новинарите на своето официјално претставување во Битола.
„Многу сум среќен што сум тука и моите први импресии се многу позитивни. Ги запознав луѓето до клубот, а попладнево првпат ќе тренирам со новите соиграчи. Малку видов од градот, убав е, а и ми допаѓа времето тука. Подобро е отколку во Данска. Едвај чекам да започнам да играм. Не сум играл со македонски играчи, главно не ги познавам моите нови соиграчи. Секако дека го знам Себастијан Хенеберг, игравме еден против друг во Данска. Но, разговарав со мои колеги, кои играле со некои ракометари на Еурофарм Пелистер во други клубови, а и гледав три натпревари на мојата нова екипа. Ми изгледа како добра екипа и едвај чекам да започнам да работам“, вели Кисум.
Кисум е еден вид замена за повредениот Сери, кој нема да се врати до крајот на оваа сезона. Тој може да игра и како лев и како среден бек, а има акумулирано искуство од настапи во Данска, Германија и Франција,
„Со нетрпение чекам да заиграм во нашиот дом во Битола. Слушав многу за публиката тука, за атмосферата која ја прават домашните навивачи и позитивната атмосфера. Верувам дека ќе започнам со победа во Суперлигата и Европската лига“, заврши Кисум.
Денес и утре Кисум ќе тренира со своите нови соиграчи, а дебито во дресот на Еурофарм Пелистер ќе го има в сабота од 18:00 часот на гостувањето кај Бутел Скопје.