Капитенот на Англија, Хари Кејн, секако беше крајно разочаран од поразот во финалето на Европското првенство. Италија ја доби битката за трофејот по изведувањето на пеналите на „Вембли“.
„Немаше што повеќе да се даде. Момчињата немаа што повеќе да дадат. Губењето на пенали е најнепријатното чувство на светот. Не беше наша вечер, но тоа беше фантастичен турнир и мора да сме со кренати глави. Секако, боли сега. Ќе боли некое време, но ние сме на добар пат, градиме добар тим и се надевам дека ќе продолжиме“, рече Хари Кејн.
„Игравме против многу добар тим. Започнавме совршено. Веројатно се повлековме премногу наназад во одредени моменти. Тие многу ја држеа топката, но не создадоа многу шанси. Израмнија по прекин, а ние имавме некои шанси во продолжението, а кога ќе дојдат пеналите, тоа е веќе друга работа“, додаде Кејн.
Оценката на Кејн за настапот на Англија на ЕП е исклучително висока:
„Треба да бидеме исклучително горди како група на она што го постигнавме. Сите сме победници и сакаме да победиме. Овој пораз ќе не следи до крајот на нашите кариери, но тоа е фудбал“ заврши Хари Кејн.