По вчерашните скандалозни сцени на крајот на продолженијата на финалето од Лига Купот на Англија, кога голманот на Челзи, Кепа, одби да ја напушти играта и да биде заменет, денеска се јави и младиот чувар на мрежата на Челзи со свое објаснување за целата ситуација.
„Би сакал да разјаснам некои работи за мечот, посебно за завршницата. Ниту во еден момент мојата намера не беше да не го почитувам менаџерот или која било негова одлука. Мислам дека се беше недоразбирање во жарот на завршницата на натпреварот за трофеј. Тренерот мислеше дека не сум во ситуација да продолжам да бранам, а мојата намера беше да манифестирам дека во добра состојба и тоа да го разберат на клупата, додека не се вратат лекарите кои ми даваа претходно помош. Чувствувам дека сликата што се создаде во јавноста воопшто не беше моја намера. Имам максимален респект и кон менаџерот и кон неговиот авторитет во тимот“, истакна Кепа Аризабалага.