Поранешниот најдобар судија на Англија Марк Клатенбург коментирал во својата колумна во „Дејли Меил” за ситуацијата при досудениот пенал кој Манчестер Јунајтед го доби против Евертон при вчерашната победа со 2:1 на „црвените ѓаволи”.
По дуелот на „Олд Трафорд” менаџерот на „карамелите” Марко Силва изјави дека Џон Мос неправилно досудил пенал, со кој му ја олесни работата на домашниот тим. Клатенбург се согласува дека во оваа ситуација не би требало да има пенал, бидејќи очигледно Идриса Гај играше со топката.
„Тоа не беше пенал. Идриса Гај очигледно играше со топката, што се гледа и од тоа што таа го промени правецот. Откако фудбалерот на Евертон го доби овој дуел, Антони Марсиал го смени своето движење за целата ситуација да изгледа како пенал. Асистентот на судијата беше од другата страна, па не можеше да помогне, но Џон Мос би морал да има подобар агол од кој требаше да ја процени ситуацијата”, смета Клатенбург.