Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп не го криеше задоволството од убедливата победа над Порто со 4:1 и пласманот на тимот во полуфиналето од Лигата на Шампионите. Следниот противник на Ливерпул ќе биде Барселона – тим против кој Јирген Клоп никогаш не се соочувал во неговата тренерска кариера.
„Не создадовме многу шанси, но успеавме да реализираме најголем дел од нив. Интервенциите на Алисон беа важни и ни помогнаа. Знаевме дека ќе бидеме под притисок на почетокот. Во второто полувреме фудбалерите на Порто се уморија и тогаш целосно го контролиравме натпреварот. Фирмино и Хендерсон беа многу корисни во овој поглед“, рече Клоп.
„Очигледно е дека сме поискусен тим и бевме свесни дека овој натпревар ќе биде сличен на Манчестер Сити и Рома од минатата сезона, кога исто така имаше тежок период. Ако не ги сметаме контролните натпревари за прв пат ќе се сретнам со Барселона, со нетрпение ги чекам двете средби”, изјави Клоп по вчерашниот натпревар со Порто на „Драгао”.