Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп имаше причина да биде задоволен од победата над Тотенхем со 3:1. Со ова заврши серија од 5 последователни натпревари без победа на Ливерпул во Премиерлигата. Германскиот тренер ги пофали своите играчи и рече дека ова е вистинското лице на неговиот тим.
„Постигнавме голови во вистински моменти, одлични голови. Сè е одлично, освен повредата на Жоел Матип. Она што го видовте денес нема никаква врска со нашата форма, тоа сме ние. Денес, особено во второто полувреме го видовте нашето вистинско лице. Голема битка и одличен фудбал”, изјави Клоп.
„Не ја погледнав статистиката, но мислам дека освен неколку минути во првото полувреме, не се сеќавам дека противникот долго ја држеше топката. Одлично реагиравме на контранападите и добро се браневме. Видов многу работи што сакам да ги видам. Мислам дека во нападот игравме добро меѓу редовите и честопати ја испраќавме топката близу или во казнениот простор, што е многу важно. Ние исто така делувавме добро во одбрана, стоевме високо, но не премногу“, додаде Клоп.