Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, потврди дека на левиот бек Ендрју Робертсон ќе му биде потребна операција на рамото и ќе отсуствува подолг период.
„Мислам дека ќе се донесе одлука за операцијата. Има мали шанси да се снајдеме и без него, но експертите велат дека операцијата е најдобрата опција во иднина. Ова значи дека Ендру ќе биде надвор од терените подолг временски период. Не знаеме колку конкретно“, рече Клоп во изјава пред денешниот натпревар.
Да потсетиме, дефанзивецот го повреди рамото за време на натпреварот од групната фаза од квалификацискиот турнир за ЕП 2024, во кој репрезентацијата на Шкотска загуби од репрезентацијата на Шпанија со резултат 0:2. Робертсон на теренот мина помалку од 45 минути.
Оваа сезона 29-годишниот дефанзивец одигра осум натпревари за Ливерпул во англиската Премиер лига и забележа една асистенција.