Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп официјално изјави дека напаѓачот Мохамед Салах не е во плановите за утрешната средба со Барселона, реванш мечот од 1/2-финалето на Лигата на шампионите.
„Салах не може да игра утре”, изјави германскиот стручњак на денешната прес-конференција. Египетскиот фудбалер ја удри главата за време на саботниот натпревар со Њукасл.
Роберто Фирмино, исто така, отпадна за вториот дуел со Каталонците.
„Ние веруваме во пресвртот. Верувам во моите момчиња, тоа е фудбал. Не располагаме со двајцата најдобри напаѓачи (Салах и Фирмино), но треба да се постигне голови против Барселона … Знаеме дека животот не е лесен, но ќе се обидеме”, изјави тој.
„Се разбира дека треба да се постигнува голови утре, но треба да ги земеме предвид и други аспекти. Барса е голем тим и ќе биде тешко. Резултатот е тежок. Ние треба да одиме чекор по чекор. Нема како да го постигнеме третиот гол пред првиот”, изјави Клоп.
„Да, она што го направи Рома пред една година може да послужи како пример. Сепак, постојат многу разлики и тоа многу големи. Не сум тука за да зборувам за одличните фудбалери на Барса и колку силен е овој тим. Тука сум да зборувам за моите момчиња. Ќе се обидеме да играме до самиот крај”, рече Клоп. Ливерпул ја пречекува Барселона утре на „Енфилд“ со негатива од 0:3 од првата средба.