ФИФА ќе подели сума од 213 милиони евра меѓу клубови кои ќе имаат свои играчи на Светското првенство во Катар. Сумата е иста како и онаа што беше поделена за учество на СП во Русија 2018, а ја искористија вкупно 416 клубови.
Оваа мерка има за цел да ги обештети тимовите за секој ден без нивните играчи за периодот додека фудбалерите ќе им бидат на располагање на своите репрезентации, вклучувајќи го и подготвителниот период од 14 ноември. Со други зборови, играчите кои ќе играат за репрезентациите кои ќе стигнат до финалето (18 декември), на своите клубови ќе им донесат по околу 358.000 евра за „позајмицата“ на играчите во националните тимови.