Капитенот на Србија, Александар Коларов вели дека светското првенство значи многу за него и неговите соиграчи, и дека натпреварот со Бразил е шанса која се добива само еднаш во животот. Средбата од групата „Е” е денес од 20:00 часот. Србите имаат три бода, еден помалку од Бразил и Швајцарија.
„Одам кон крајот на мојата кариера и овој натпревар ќе биде најважниот во неа. Секој фудбалер знае што значи тој. Тоа е највисоко ниво и шанса да те види целиот свет. Слични работи се случуваат еднаш во животот”, коментираше 32 годишниот Коларов.
„Секој сака да игра против најдобрите во светот, бидејќи тие претставуваат одлична шанса да ги тестирш своите способности. Лично, јас сум убеден дека ние ќе бидеме подготвени за Бразил и ќе уживаме во дуелот. Не се плашиме, но треба да бидеме дисциплинирани и мораме да играме како тим и да ја задоволиме Србија. Немаме што да загубиме против Бразил, мораме да дадеме сé од себе, па зошто да не победиме”, додаде Коларов.