Порто нема да се мотивира од идејата за реванш во четвртфиналето од Лигата на шампионите против Ливерпул. Португалскиот гигант гостува на „Енфилд” вечерва, а минатата сезона Англичаните триумфираа во истото ова натпреварување по успехот со 5:0 како гостин во првата средба и 0:0 како домаќини.
„Не станува збор за реванш. Секој натпревар е различен. Претходните резултати не можат да влијаат на нас. Не треба да мислиме на минатата сезона. Треба да биде концентриран на предизвикот што ни претстои вечерва на „Енфилд”. Ливерпул е многу силен тим, свесни сме за силата која имаат”, коментираше тренерот на Порто, Серџо Консеисао.
Порто посакува да стигне до полуфинале во Лигата на Шампионите за прв пат од сезоната 2003/2004, кога го освои трофејот под водство на Жозе Мурињо.
„Ливерпул игра на многу високо ниво и секоја недела се соочува со сериозен ривал од Премиер лигата. Кај нас ситуацијата не е таква, без да сакам да ги навредам останатите португалски тимови. Поради силата на противникот и кадровските проблеми што ги имаме, ќе треба да пристапиме многу паметно и креативно во својата стратегија за натпреварот”, додаде Консеисао.
Казнетите Ектор Ерера и Пепе пристигнаа со тимот во Англија, но тие нема да бидат вечерва во составот, а дефанзивецот Алекс Телеш е под знак прашање поради проблем со бутниот мускул.