Тренерот на Интер, Антонио Конте ги сумираше резултатите од средбата од 23-то коло на италијанскиот шампионат, во која неговата екпа го совлада градскиот ривал Милан со 4:2.
„Беше посебна вечер за Интер. Во првото полувреме ги имавме најголемите проблеми оваа сезона. Бевме близу до неуспех. Но, тогаш ја вративме рамнотежата, видовме каде и што треба да подобриме, верувавме во тоа што го правевме. Ова е заслуга на играчите. За време на паузата не морав многу да зборувам. Мислам дека во тешки ситуации, секој треба да разбере сè и да преземе одговорност. Имав голем дел од одговорноста поради оние 0:2 по првото полувреме. Но, ние останавме заедно од почеток до крај и најдовме излез од тешката состојба.
Треба да ја запаметиме оваа вечер, ова ќе ни помогне да станеме тим и да се справиме со слични тешкотии во иднина. За нашите нови играчи, процесот на вклопување во играта зависи од нивната позиција на теренот. На пример, за Ешли Јанг или Моузес нема проблеми, но за играчот од средниот ред како Ериксен, е покомплицирано. Тој треба да навлезе во ритамот на играта, со текот на времето ќе стане најважниот играч на Интер“, изјави Конте по вчерашниот натпревар со Милан.

