Поранешниот тренер на Челзи, Антонио Конте, продолжува да си ги бара оние 10,5 милиони евра од „сините“, кои предвреме му го раскинаа договорот. Според BBC, 49-годишниот стратег присуствувал на состанокот на Арбитражниот одбор на Премиер лигата, кој се занимава со неговата постапка против лондонскиот клуб.
Италијанецот инсистира дека Челзи мора да му ги исплати сите плати за последната година од договорот. Клубот смета дека тренерот бил во конфликт со играчите, ги прекршил условите од договорот и поради тоа не му должи ништо. Особено беше посочен примерот со напаѓачот Диего Коста, кој беше принуден да ја напушти екипата поради несогласувања со Конте.

